Зошто да ни се јавите?
Затоа што насилството повредува, а болката не е безначајна. Ве разбираме дека е тешко да се разговара со некој кој е непознат за вас и затоа имаме огромно разбирање, трпение и време за да ве сослушаме. Притоа Ви гарантираме доверливост и анонимност. Ако чувствувате дека можеме да Ви помогнеме, побарајте нè на Националната СОС линија за жртви на семејно насилство 15-315. Линијата е достапна 24 часа секој ден во неделата.
Затоа што насилството повредува, а болката не е безначајна. Ве разбираме дека е тешко да се разговара со некој кој е непознат за вас и затоа имаме огромно разбирање, трпение и време за да ве сослушаме. Притоа Ви гарантираме доверливост и анонимност. Ако чувствувате дека можеме да Ви помогнеме, побарајте нè на Националната СОС линија за жртви на семејно насилство 15-315. Линијата е достапна 24 часа секој ден во неделата.
Недискриминација и почитување на личноста на секоја индивидуа е примарно начело според кое се води секоја консултантка-помагач која работи во нашата организација. Доколку Ви е непријатно да се искажете преку телефон, а сакате да добиете информации за динамиката на насилството или пак законските можности за заштита, оставете порака во нашето електронско сандаче sovet@krizencentar.org.mk. Кризен Центар „Надеж“ веќе 20 години нуди поддршка и помош за жени кои поминувааат низ тешки животни искуства кои со себе ги носи насилството.
1. Кризно советување и упатување преку СОС линиите за помош (Национална СОС линија 15 -315 и Телефонот на Доверба 02/3 173-424)
Националната СОС линија и Телефонот на Доверба се достапни за целата територија на Р.Македонија, 24 часа седум дена во неделата. Информациите што се споделуваат на СОС телефонот се доверливи и се внимава на зачувување на приватноста. На линиите работи персоналот на Кризен Центар Надеж, односно обучените волонтери и супервизори кои во зависност од природата на повикот ги упатуваат жртвите или потецијалните жртви на семејно насилство кон понатамошните чекори и мерки за заштита во зависност од нивните потреби и во согласност со нивниот интерес. Персоналот е добро обучен за работа во кризни ситуации, слушање и комуникациски вештини, ресурси на заедницата, родови, религиозни и културни прашања.
2. Емоционално зајакнување и првична правна помош преку едукација на жртви на семејно насилство.
Со едукацијата жртвата добива соодветна психосоцијална помош, охрабрување, советување и поттикнување за изнаоѓање на соодветно решение за нејзиниот проблем. Едукативните сесии со жртвите на семејно насилство кои се водени од професионален тим (психолог, социјален работник и правник кои воедно имаат посетувано и обуки за постапување со жртви на семејно насилство), имаат за цел поддршка и јакнење на жртвата при донесувањето на важни одлуки за нејзината иднина, како и зголемување на свесноста за можностите кои ги има, особено по однос на правните процедури кои можат да ги иницираат и изработка на документи. Едукацијата се одвива во посебна просторија во рамки на просториите на Кризен Центар “Надеж” и е со времетраење од отрпилика час и половина, во зависност од проблемот кој го има жртвата и таа може да се повторува.
3. Згрижување, обезбедување на сигурен и безбеден привремен престој од 24-48 часа со капацитет за сместување на 5-7 жртви на семејно насилство.
Освен тоа што на жртвата и се обезбедува згрижување, исто така и се обезбедува заштита, психосоцијална поддршка, советување, задоволување на нејзините елементарни потреби (храна, облека, постелнина, хигиенски средства и лекови). Воедно се оставрува и контакт и придружба до други релевантни институции од кои жртвата има потреба со цел изнаоѓање на трајно решение за надминување на нејзиниот проблем, односно нејзино подолгорочно сместување.
Обучениот персонал на Кризен центар „Надеж“ речиси десет години во континуитет работи на заштита, едукација и поткревање на свеста и знаењето во врска со семејното насилство преку работилници, обуки и кампањи кои вклучуваат промотивен материјал за работата на здружението, интервјуа за телевизиски медиуми, изјави за пишани медиуми, како и одржување на сопствена веб страна. Преку сите овие алатки за презентирање и објаснување на нашата работа детално се разработува проблемот на семејното насилство, динамиката и ескалацијата на насилството како и информации за сопствена заштита од истото или пак помагање на жртви на семејно насилство.
Семејно насилство
Превентивната програма започнува да се развива во 2004 година и оттогаш имаме реализирано повеќе од 20 проекти во повеќе од 10 града (Дебар, Прилеп, Струмица, Куманово, Кичево и др.) на територија на Р.Македонија, со посебен акцент на Градот Скопје и Општината Гази Баба. Целни групи со кои имаме искуство се: жени, жени од рурални средини, млади девојки и девојки и момчиња од средни училишта, при тоа важно е да се напомене дека се опфаќаат различни етнички групи и се земаат предвид културните специфики на секоја група поврзани со ризици за појава на насилство врз жените и семејното насилство.
Насилство врз жени
Работилници и обуки наменети за млади девојки и жени, нивно запознавање со проблемот на насилство врз жените (сексуално вознемирување на училиште, улица, работно место, насилство од интимен партнер, насилство од член на семејство итн.). Преку овие работилници и обуки се презентираат дефинициите на насилна наспроти здрава врска, митовите и фактите во врска со сексуалното вознемирување, личната заштита и чекори кон барање помош и заштита од државни институции.
Покрај тоа, работилниците и обуките се динамични и интерактивни, па така оставен е простор за дебата и разговор со учесниците каде тие самите ги искажуваат своите ставови околу горенаведените теми, влијанието на општеството, поп културата и медиумите врз нивните ставови и размислувања.
Коментари од учесници/чки на работилници:
„Треба да има повеќе организации кои се борат за заштита на жените.“
„Ми се допаѓа тоа што работлницата беше опуштена, интересна и корисна и треба да се знаат вакви работи.“
„Сметам дека е корисно, треба да има повеќе вакви презентации за сите да имаат можност да бидат запознаени со ситуациите.“
Сведоштва на жени жртви на насилство
Бев малтретирана цели 12 години и психички и физички. Животот ми беше пекол, секојдневна тортура. Прво мислев се ќе помине, се надевав многу дека ќе се смени, но не испадна така, се смени да, но на полошо, стануваше се полош и полош. Кога ја изгубив надежта дека нешто ќе се смени, велев ајде поради децата, греота се, правилно е да растат со двајца родители. Но не било така, не е само да имаат татко, најважно е каков татко имаат, на децата им требаше здрава средина за живеење, а јас немав храброст, ми беше страв да го оставам, постојано бев под притисок и со закани дека ќе ме убие. Колку повеќе се трудев, толку повеќе тонев.. Но се има граница, пресудна беше ноќта кога толку многу ме претепа и понижи и тоа пред децата, што не знаев за себе… И тогаш реков ДОСТА Е.. Јас таа вечер ја донесов најдобрата одлука во мојот живот и си реков „мечка страв, мене не“, се спакував и си отидов. Се заколнав самата на себе дека повеќе никогаш нема да се вратам, затоа што знаев дека ако се вратам си го потпишувам моето самоубиство. Се натерав себе си да бидам силна и да не потклекнувам пред него, си ја вратив самодовербата затоа што знам колку вредам сега кога сум сама и сега кога имам мир… Никој не заслужува да живее живот со тортури и без трошка почит и не, не е судбина, сами си ја кроиме судбината, ако ја чекав судбината страв ми е да помислам каква ќе беше таа. Сега живеам сама со моите деца и живеам нормален и мирен живот oнаков каков што отсекогaш посакував… Сеуште се плашам и живеам со страв, но спокојна сум бидејќи моите деца не се повеќе сведоци на случувањата… и горда сум што успеав да ги заштитам нив. Работите полека но сигурно се враќаат во нормала. Вреди, и тоа како вреди што заминав и во ниту еден момент не се покајав затоа што знам дека јас и моите деца заслужуваме мнооогу повеќе и мнооогу подобар живот од тој што го имавме…
„14 години ги поминав во брак, брак направен пекол. Денови исполнети со страв, дали и денес ќе бидам истепана. Решив да ставам крај на таквиот живот. Го напуштив! Сега сум среќна, ми се врати самодовербата и спокојот !!! “
Јас трпев насилство во врска. Неколку пати заминував и пак се враќав кај дечкото. Се додека не дојде она, конечното. Сфатив дека не можам да продолжам да живеам во страв кога ќе се случи следната сцена, дали тој ќе ме чека пред влез, дали ќе дојде на моето работно место и така постојано во истиот круг…Да! Стравот беше она што ми влијаеше да одлучам дека треба да ставам крај на сето тоа. Сфатив дека тој никогаш нема да се промени а јас не сакам да живеам така. Сега после некое време од истата таа врска, се чувствувам слободна и силна, без страв да одам по улица или да влезам во влезот на мојата зграда. Најбитно во целата оваа приказна ми беше поддршката од родителите и моите пријатели.
Доколку се двоумите дали сте во насилна врска, тогаш запрашајте се: - Дали некогаш сте се исплашиле од Вашиот партнер? – Дали вашиот партнер Ви се заканувал дека било како ќе Ви наштети? – Дали Вашиот партнер ги контролира сите финансии (вклучително и Вашите)? – Дали Вашиот партнер ве турнал, фрлал работи кон Вас, или Ве принудил на имате секс? – Дали вашиот партнер Ве следи или пак се појавил непоканет на Вашето работно место или пак кога сте надвор со пријателите?
Доколку барем на некое од прашањата одговоривте со „да“, постои веројатност дека сте во насилна врска.