Психосоцијалното здравје и добросостојбата на лицата кои работат со жртви на родово базираното насилство (РБН) е важен аспект за успехот на иницијативите за сузбивање на РБН. Лицата кои работат со жртви на РБН се изложени на различни форми на траума – работата со жртви на различни форми на РБН во ситуации кои често се тензични, исполнети со емоционален набој, работа во средина со ограничени ресурси може да доведе до прегорување, „замор на емпатија“, и секундарна траума меѓу персоналот.
Само-грижата, односно активностите што овие лица ги преземаат за управување со стресот и одржување на физичкото и менталното здравје, е важна за одржување на квалитетот на услугите на поддршка на жртвите на насилство, но и за одржување на здравјето, мотивацијата и спречување на секундарна трауматизација и други последици за овие лица.
За оваа цел беше спроведено истражување преку кое беа утврдени постоечките услови за практикување на само-грижа кај професионалците што работат со жртви на насилство во Република Северна Македонија. Истражувањето беше реализирано како дел од проектот „Поддршка за иновативни практики за само-грижа, добросостојба и издржливост кај професионалците што работат со жртви на родово базирано насилство во Северна Македонија“, имплементиран од страна на Кризен Центар „Надеж“ и Организација Плиадис, финансиски поддржан од Агенцијата на САД за меѓународен развој УСАИД.
За итно адресирање на потребата од креирање на политики и практики кои директно ќе влијаат врз подобрување на менталното здравје на професионалците кои работат со жртви на РБН, беа донесени следните препораки:
- Поттикнување на соработката меѓу професионалците што работат со жртви на РБН, во неформални или формални мрежи, кои би служеле за споделување искуства, меѓусебна поддршка и размена на информации за достапни ресурси за само-грижа;
- Зајакнување на институционалната свест за потребата од овозможување и поддршка на само-грижата кај професионалците што работат со жртви на траума. Релевантен заклучок од истражувањето е дека во моментот не постои адекватен третман на само-грижата во институционалните политики и практики. Воведувањето на само-грижата како релевантна компонента за добросостојбата на вработените, но и за ефективно исполнување на нивните работни обврски ќе придонесе за создавање овозможувачка околина за култура на само-грижа. Ова подразбира адекватно адресирање на само-грижата во институционалните кодекси и политики, преку обуки и градење на капацитети за само-грижа, но и овозможување ресурси (време, простор, ресурси за стручна поддршка и градење капацитети за само-грижа) ;
- Промоција на култура на грижа за добросостојбата кај професионалците што работат со жртви на РБН. Иако свест за оваа потреба постои, потребно е дополнителен поттик на овие лица за запознавање со сите аспекти на само-грижата и нејзиното практикување, како и достапни ресурси и извори на поддршка;
- Зголемување на квантитетот и квалитетот на достапна поддршка за само-грижа кај професионалците што работат со жртви на РБН: обуки за стратегии и техники на само-грижа, специјализирани услуги за психосоцијална поддршка, специјализирани здравствени услуги, во насока на создавање сеопфатен систем на поддршка на само-грижата кај овие професионалци.
- Континуирана работа на зајакнување на соработката меѓу непрофитните организации и центрите за социјална работа, во насока на поголема координираност во работењето, но и заедничко користење на ресурси за само-грижа кај професионалците што работат со жртви на РБН.