Во февруари и март, Кризен Центар „Надеж“ во партнерство со ГО „Плиадис“ одржа 2 (две) дводневни обуки на тема „Само-грижа, благосостојба и издржливост кај професионалци кои работат со жртви на родово-базирано насилство (РБН)“. Дводневнита обуки ги водеше Вишња Дурацоска – сертифициран тренер за животни вештини, која на присутните учесници им сподели искуства, практики и стратегии со кои во иднина ќе можат полесно да го канализираат стресот на кој секојдневно се изложени при нивното работење со жртвите на РБН.
Вишња Дурацоска, тренер за животни вештини и експерт за креирање на тренинг програма за професионалци кои работат со жртви на РБН, ја нагласува СВЕСНОСТА на личноста како главен механизам за успешно раководење со стресот. Изложеноста на трауматизација кај професионалците кои работат со жртви на РБН, доведувa до синдром на прегорување (burnout). За разлика од нормалниот работен стрес кој предоминантно влијае на професионалците на физички начин, синдромот на прегорување влијае на индивидуите од емоционален аспект. За превенција на синдромот на прегорување предизвикан од работата со РБН, од суштинско значење е креирањето на практики за само-грижа, благосостојба и издржливост.
Во нејзиниот говор, Вишња Дурацоска истакна: „Во последната деценија се забележa зголемување на интересот за нивоата на стрес и траума што ги доживуваат стручните лица кои работат со жртви на различни видови траума (front-line workers), вклучително и стручните лица што работат со жртви на РБН. Самогрижата, односно активностите кои професионалците кои работат со жртви на РБН ги преземаат за управување со стресот и унапредување на физичкото и менталното здравје се особено значајни за одржување на квалитетот на услугите на поддршка на жртвите на насилство.“
Кризен Центар „Надеж“ во партнерство со „Плиадис“ (Pleiades organization), го спроведуваат проектот за поддршка за иновативни практики при грижата за себе си, благосостојбата и резилиентноста кај професионалците кои работат со жртви на родово-базирано насилство, поддржан од CARE-GBV програмата на УСАИД.
Професионалците кои работат со жртвите на родово-базирано насилство се изложени на високо стресни ситуации кои можат да предизвикаат психолошки, физички и емоционални последици. За адресирање на овој проблем од суштинско значење е да се дизајнираат и имплементираат мерки за зачувување на менталното здравје на персоналот. Главната цел на овој проект е да ги промовира добрите практики и учењето при грижата за себе си, благосостојбата и резилиентноста кај персоналот кој пружа директна поддршка и заштита на жртвите на родово-базирано насилство. За повеќе информации за проектот, посетете: https://krizencentar.org.mk/