На 30.05. и 03.06.2022 г. Кризен Центар „Надеж“ во партнерство со ГО „Плиадис“ ги одржаа првата и втората групна сесија за психо-социјална поддршка на онлајн Платформата ЗООМ. Сесиите беа наменети за професионалци кои работат со жртви на родово-базирано насилство и истите беа водени од страна на стручни лица – психолог и психотерапевт Деспина Стојановска и психолог и психотерапевт Вида Гаврилоска Бубалова.

Во изминатиот период, 30 професионалци oд граѓански организации и државни институции кои работат со жртви на РБН, успешно ги завршија групните и индивидуалните сесии за психо-социјална поддршка и имаа уникатна можност да работат со стручни лица (психолог и психотерапевт) со цел полесно справување со стресот кој го носи работата како и приватниот живот, а со кои мораме да се соочуваме и да дадеме соодветен одговор, за да можеме успешно да ги надминуваме и идните предизвици во животот.

Професионалците што работат со жртви на РБН во Северна Македонија се соочуваат со значајни предизвици во одржувањето на својата добросостојба. Тие се дефицитарни работници, со голема оптовареност со работни обврски, честопати соочени со недостиг на ресурси и со несигурност во поглед на работата. Иако постои свесност за потребата од само-грижа, овие професионалци се оставени сами на себе, без ресурси и со малку можности ова да го остварат.

„За да можеме да им помогнеме на оние на кои нашата помош им е неопходна, најпрво мораме да си помогнеме себе си.“

Кризен Центар „Надеж“ во партнерство со „Плиадис“ (Pleiades organization), го спроведуваат проектот за поддршка за иновативни практики при грижата за себе си, благосостојбата и резилиентноста кај професионалците кои работат со жртви на родово-базирано насилство, поддржан од CARE-GBV програмата на УСАИД.

Професионалците кои работат со жртвите на родово-базирано насилство се изложени на високо стресни ситуации кои можат да предизвикаат психолошки, физички и емоционални последици. За адресирање на овој проблем од суштинско значење е да се дизајнираат и имплементираат мерки за зачувување на менталното здравје на персоналот. Главната цел на овој проект е да ги промовира добрите практики и учењето при грижата за себе си, благосостојбата и резилиентноста кај персоналот кој пружа директна поддршка и заштита на жртвите на родово-базирано насилство. За повеќе информации за проектот, посетете: https://krizencentar.org.mk/

 

БЕЛЕШКА ЗА УРЕДНИЦИТЕ

Американскиот народ преку УСАИД има инвестирано над од 833 милиони долари во Северна Македонија од 1993 година досега. УСАИД е водечка меѓународна агенција за развој во светот и двигател кој води до развојни постигнувања. Работата на УСАИД ја унапредува националната безбедност и економскиот просперитет на САД, ја отсликува американската великодушност и на земјите со кои соработува им помага на патот до самостоен и стабилен развој. За повеќе информации за работата на УСАИД во Северна Македонија, посетете ја нашата веб-страница https://www.usaid.gov/north-macedonia и следете нѐ на YouTube, Твитер и Фејсбук.