Во периодот од 04.04.2022 до 31.05.2022 г., Кризен Центар „Надеж“ во партнерство со ГО „Плиадис“ организираше групни и индивидуални менторски сесии за професионалците кои работат со жртви на родово-базирано насилство во Република Северна Македонија. Реализирани беа 4 групни менторски сесии, на кои учество зедоа 40 професионалци, додека на индивидуалните менторски сесии учествуваа 50 учесници кои работат во граѓански организации, центри за социјална работа, полициски станици и образовни установи.
Менторските сесии беа водени од докажани експертки, Вишња Дурацоска и Маја Смилевска, кои ги запознаа учесниците со последиците од изложеност на стрес/трауматизација кај професионалците кои работат со РБН и им дадоа насоки за надминување на стресот на работното место, водење само-грижа и постигнување благосостојба.

Вишња Дурацоска е тренер за животни вештини и ја нагласува СВЕСНОСТА на личноста како главен механизам за успешно раководење со стресот. Изложеноста на трауматизација кај професионалците кои работат со жртви на РБН, доведувa до синдром на прегорување (burnout). За разлика од нормалниот работен стрес кој предоминантно влијае на професионалците на физички начин, синдромот на прегорување влијае на индивидуите од емоционален аспект. За превенција на синдромот на прегорување предизвикан од работата со РБН, од суштинско значење е креирањето на практики за само-грижа, благосостојба и издржливост.

Додека Маја Смилевска е консултант со повеќе од 20 годишно работно искуство во областа на организациски развој. Од 2000 година работи како тренер и консултант каде што го има стекнато своето долгогодишно искуство во организациски промени. За период од две години таа беше извршен директор на приватна консултантска компанија. Нејзините ангажмани вклучуваат работа со засегнати страни од јавниот, приватниот и граѓанскиот сектор.

Кризен Центар „Надеж“ во партнерство со „Плиадис“ (Pleiades organization), го спроведуваат проектот за поддршка за иновативни практики при грижата за себе си, благосостојбата и резилиентноста кај професионалците кои работат со жртви на родово-базирано насилство, поддржан од CARE-GBV програмата на УСАИД.

Професионалците кои работат со жртвите на родово-базирано насилство се изложени на високо стресни ситуации кои можат да предизвикаат психолошки, физички и емоционални последици. За адресирање на овој проблем од суштинско значење е да се дизајнираат и имплементираат мерки за зачувување на менталното здравје на персоналот. Главната цел на овој проект е да ги промовира добрите практики и учењето при грижата за себе си, благосостојбата и резилиентноста кај персоналот кој пружа директна поддршка и заштита на жртвите на родово-базирано насилство. За повеќе информации за проектот, посетете: https://krizencentar.org.mk/

БЕЛЕШКА ЗА УРЕДНИЦИТЕ

Американскиот народ преку УСАИД има инвестирано над од 833 милиони долари во Северна Македонија од 1993 година досега. УСАИД е водечка меѓународна агенција за развој во светот и двигател кој води до развојни постигнувања. Работата на УСАИД ја унапредува националната безбедност и економскиот просперитет на САД, ја отсликува американската великодушност и на земјите со кои соработува им помага на патот до самостоен и стабилен развој. За повеќе информации за работата на УСАИД во Северна Македонија, посетете ја нашата веб-страница https://www.usaid.gov/north-macedonia и следете нѐ на YouTube, Твитер и Фејсбук.