Семејно насилство

Дефиниција за семејно насилство:

a) Со Законот за семејство се забранува секаков вид на насилство меѓу членовите на семејството, без оглед на пол и возраст. Под семејно насилство се подразбира малтретирање, навредување, загрозување на сигурноста, телесно повредување, полово или друго психолошко или физичко насилство со кое се предизвикува чувство на несигурност, загрозување или страв спрема: – брачниот другар, родителите или децата или други лица кои живеат во брачна или вонбрачна заедница или заедничко домаќинство; – поранешен брачен другар или лица кои имаат заедничко дете или се наоѓаат во блиски лични односи, вклучувајќи ги односите кои настануваат со посвојувањето и старателството; – браќа и сестри, полубраќа и полусестри; – постарите членови во семејството или заедничкото домаќинство; – лица – членови на семејството или заедничкото домаќинство чија деловна способност е делумно или целосно одземена.

Под блиски лични односи во смисла на овој закон се подразбираат лични односи помеѓу лица од различен пол кои се или биле во партнерски односи, а не живеат во вонбрачна заедница.

б) Во Кривичниот законик семејното насилство е дефинирано како: малтретирање, грубо навредување, загрозување на сигурноста, телесно повредување, полово или друго психичко или физичко насилство со кое се предизвикува чувcтсвo на несигурност, загрозување или страв, спрема брачен другар, родителите или децата или други лица кои живеат во брачна или вонбрачна заедница или заедничко домаќинство, како и спрема поранешен брачен другар или лица кои имаат заедничко дете или се наоѓаат во блиски лични односи.

Физичко насилство

  • Спречување партнерот да го напушти
  • Удирање со предмети или закана за удирање со предмети
  • Заклучување на партнерот во домот
  • Одбивање партнерот да побара помош или медицинска грижа
  • Принудена злоупотреба на супстанци (алкохол, дрога)
  • Лишување на партнерот од потребните лекови
  • Вмешување и контрола во задоволување на основните физички потреби на партнерот (на пример храна или спиење)
  • Кршење, оштетување, крадење или продавање на имотот на партнерот
  • Закана за употреба или употреба на оружје против партнерот (на пример, чекан, нож, пиштол)
  • Удирање на врати или ѕидови
  • Следење на партнерот

Психолошко насилство

  • Вербални закани
  • Понижување на партнерот пред семејството, пријателите или пред непознати луѓе
  • Навредување и употребување навредливи зборови
  • Постојано критикување или деградирање на жртвата
  • Викање со цел да се заплаши жртвата
  • Постојано обвинување на партнерот
  • Опсесивна љубомора и обвинување за неверство
  • Влевање на верување кај партнерот дека „што и да направи нема да биде добро“
  • Злоупотреба или закана за повредување на децата на жртвата, дури и кога намерата е емоционална штета врз партнерот преку децата
  • Закана на насилникот дека ќе се повреди самиот

Економско насилство

  • Забрана на партнерот да работи
  • Загрозување на вработувањето на партнерот преку креирање конфликтни ситуации на работа, закани да не оди на работа поради повреди или принудена злоупотреба на супстанци
  • Контролирање на придонесите, сметки во банка и заедничката сопственост
  • Барање на сметките на партнерот за сите пари што ги троши
  • Одземање на кредитни картички, пари и др.
  • Фалсификување на потписот на партнерот
  • Непромислени трошоци и финансиско задолжување

Сексуално насилство

  • Непосакувано/несакано допирање
  • Понижувачки забелешки за телото и изгледот на партнерот
  • Минимизирање на сексуалните потреби на партнерот
  • Критикување на партнерот за неговата сексуална историја
  • Присилување на секс или сексуални активности без согласност од страна на другиот партнер
  • Употреба на сила или грубост за присилен секс
  • Силување со употреба на предмет
  • Одбивање на барањето на партнерот за секс со заштита
  • Присилување на партнерот за секс со други лица
  • Изложување на парнерот на сексуално преносливи болести
  • Третирање на партнерот како сексуален објект
  • Критикување на сексуалната перформанса
  • Несакани садистички сексуални активности