Доколку се двоумите дали сте во насилна врска, тогаш запрашајте се: - Дали некогаш сте се исплашиле од Вашиот партнер? – Дали вашиот партнер Ви се заканувал дека било како ќе Ви наштети? – Дали Вашиот партнер ги контролира сите финансии (вклучително и Вашите)? – Дали Вашиот партнер ве турнал, фрлал работи кон Вас, или Ве принудил на имате секс? – Дали вашиот партнер Ве следи или пак се појавил непоканет на Вашето работно место или пак кога сте надвор со пријателите?

Доколку барем на некое од прашањата одговоривте со „да“, постои веројатност дека сте во насилна врска.

Зошто да ни се јавите?
Затоа што насилството повредува, а болката не е безначајна. Ве разбираме дека е тешко да се разговара со некој кој е непознат за вас и затоа имаме огромно разбирање, трпение и време за да ве сослушаме. Притоа Ви гарантираме доверливост и анонимност. Ако чувствувате дека можеме да Ви помогнеме, побарајте нè на Националната СОС линија за жртви на семејно насилство 15-315. Линијата е достапна 24 часа секој ден во неделата.

Недискриминација и почитување на личноста на секоја индивидуа е примарно начело според кое се води секоја консултантка-помагач која работи во нашата организација. Доколку Ви е непријатно да се искажете преку телефон, а сакате да добиете информации за динамиката на насилството или пак законските можности за заштита, оставете порака во нашето електронско сандаче sovet@krizencentar.org.mk. Кризен Центар „Надеж“ веќе 20 години нуди поддршка и помош за жени кои поминувааат низ тешки животни искуства кои со себе ги носи насилството.

Сведоштва на жени жртви на насилство

Бев малтретирана цели 12 години и психички и физички. Животот ми беше пекол, секојдневна тортура. Прво мислев се ќе помине, се надевав многу дека ќе се смени, но не испадна така, се смени да, но на полошо, стануваше се полош и полош. Кога ја изгубив надежта дека нешто ќе се смени, велев ајде поради децата, греота се, правилно е да растат со двајца родители. Но не било така, не е само да имаат татко, најважно е каков татко имаат, на децата им требаше здрава средина за живеење, а јас немав храброст, ми беше страв да го оставам, постојано бев под притисок и со закани дека ќе ме убие. Колку повеќе се трудев, толку повеќе тонев.. Но се има граница, пресудна беше ноќта кога толку многу ме претепа и понижи и тоа пред децата, што не знаев за себе… И тогаш реков ДОСТА Е.. Јас таа вечер ја донесов најдобрата одлука во мојот живот и си реков „мечка страв, мене не“, се спакував и си отидов. Се заколнав самата на себе дека повеќе никогаш нема да се вратам, затоа што знаев дека ако се вратам си го потпишувам моето самоубиство. Се натерав себе си да бидам силна и да не потклекнувам пред него, си ја вратив самодовербата затоа што знам колку вредам сега кога сум сама и сега кога имам мир… Никој не заслужува да живее живот со тортури и без трошка почит и не, не е судбина, сами си ја кроиме судбината, ако ја чекав судбината страв ми е да помислам каква ќе беше таа. Сега живеам сама со моите деца и живеам нормален и мирен живот oнаков каков што отсекогaш посакував… Сеуште се плашам и живеам со страв, но спокојна сум бидејќи моите деца не се повеќе сведоци на случувањата… и горда сум што успеав да ги заштитам нив. Работите полека но сигурно се враќаат во нормала. Вреди, и тоа како вреди што заминав и во ниту еден момент не се покајав затоа што знам дека јас и моите деца заслужуваме мнооогу повеќе и мнооогу подобар живот од тој што го имавме…

„14 години ги поминав во брак, брак направен пекол. Денови исполнети со страв, дали и денес ќе бидам истепана. Решив да ставам крај на таквиот живот. Го напуштив! Сега сум среќна, ми се врати самодовербата и спокојот !!! “

Јас трпев насилство во врска. Неколку пати заминував и пак се враќав кај дечкото. Се додека не дојде она, конечното. Сфатив дека не можам да продолжам да живеам во страв кога ќе се случи следната сцена, дали тој ќе ме чека пред влез, дали ќе дојде на моето работно место и така постојано во истиот круг…Да! Стравот беше она што ми влијаеше да одлучам дека треба да ставам крај на сето тоа. Сфатив дека тој никогаш нема да се промени а јас не сакам да живеам така. Сега после некое време од истата таа врска, се чувствувам слободна и силна, без страв да одам по улица или да влезам во влезот на мојата зграда. Најбитно во целата оваа приказна ми беше поддршката од родителите и моите пријатели.